Друже Заев, да си ја повториме лекцијата! (Геровски почнува да го фаќа ладна пот)
  Објавено на
share

Друже Заев, да си ја повториме лекцијата!

 

И јас се сеќавам на спектакуларната изјава на премирот Зоран Заев, човек со бекграунд на успешен бизнисмен, кој во кампањата за локалните избори рече дека СДСМ ќе одржи лекција по економија и дека ќе оди со концептот „повеќе пари кај граѓаните“. И токму затоа, она што се случува деновиве, мене, најблаго речено, ме збунува.

На пример, не можам да сфатам како тоа зголемувањето на акцизата на дизелот, кој учествува со 64 отсто во вкупната потрошувачка на горива, ќе донело повеќе пари кај граѓаните, а ќе ги насекирало богатите, оти сиромашните ионака не возеле автомобили (?!). Такво објаснување чувме од човек од ресорот финансии. Мене ова ме потсети на онаа скандалозна изјава на Груевски, кога рече дека не се градат автопати затоа што Македонците ионака не патуваат.

Исто така, не ми е јасно како е можно со години да трубиме дека имаме прекубројна и неефикасна администрација, која го оптоварува стопанството, а сега одеднаш да се ветува зголемување на платите во здравството, во образованието, во јавниот сектор. Ние знаеме дека во нашите болници и амбуланти, на пример, недостасува квалитетен медицински кадар што мора добро да се плати, но затоа таму џаболебари има колку душа ти сака! Не ќе беше ли попаметно прво да се реформираат секторите во кои ќе се зголемуваат платите? И ако не се направи таа реформа, со кој образ тогаш ќе се казнуваат текстилците, на пример, кои не можат да исплатат минимални плати, кога на нивен грб и на грб на целото стопанство се плаќа прекубројното чиновништво? 

Не ми е јасна и оваа работа со субвенциите за земјоделците. Да бидам искрен, мене тој концепт со субвенциите никогаш не ми се допаѓал и се уште мислам дека тој механизам повеќе го умртвува отколку што го заживува производството на храна. Но, еве, не полемизирам, да не се правам експерт за сn4; и сешто. Ама, факт е дека на луѓето им беа ветени субвенции во износ од 160 милиони евра годишно, а во буџетот за 2018 година се испланирани само 138 милиони. Зошто? 

И уште нешто. Многу важно. Кога сегашната власт беше опозиција, многу се зборуваше за кратењето на непродуктивните расходи, за кои се тврдеше дека изнесуваат неколку стотици милиони евра на годишно ниво. И јас сум убеден дека навистина зборуваме за толкави суми. Сега, кога полемизираме за зголемената акциза за дизелот, зборуваме за потег што во државната каса ќе донесе одвај 30 милиони евра годишно. Па добро, што стана со оние „стотици милиони“ непродуктивни трошоци? Се скратија?

Мислам дека е време, друже Заев, да си ја повториме лекцијата – кога социјалдемократите беа во опозиција, ветуваа поскромни буџетски зафаќања од реалниот сектор на економијата (за да има повисоки плати за работниците), кратење на непродуктивните трошоци, повеќе капитални инвестиции и општо - повеќе пари за граѓаните. Натаму одиме? Да не сме скршнале малку?

ПС: И те молам, премиере, ако е можно, сугерирај малку да се потсмири возбудата и во твојот тим и меѓу луѓето што гравитираат околу него, бидејќи сите ние имаме право да критикуваме, па дури и кога грешиме. Полека, без нервоза, со книга на книга. Наши сме, нели?




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани