на хрватите "иде им вода на уста" кога е во прашање ВАРДАР и Самсоненко кој србите го одбија,а русите се крстат во него
  Објавено на
share
ХРВАТСКА ЖАЛИ ШТО НЕМА СВОЈ САМСОНЕНКО

Во Србија го одбија, во Русија го чекаат како спасител, а тој е творецот на македонското спортско чудо

Со овој наслов хрватскиот „Индекс“ го потенцира значењето на Сергеј Самсоненко за македонскиот клупски спорт и со доза на завист раскажува за успесите на Вардар во 2017 година.

 

2017 е година на Вардар, градот е обоен во „црвено-црно“ благодарение на славниот македонски клуб. Ракометарите станаа сензационални шампиони на Европа, девојките играа во финалето од Лигата на шампионите, а фудбалерите преку Малме за прв пат по 11 години дојдоа до третото квалификациско коло во елитното натпреварување.
 
Серијата успеси ја најавија ракометарките на Вардар на кои за малку им избега големиот пехар, играа финале со домашниот Ѓер и имаа напад за победа, но не успеаа.
 
Тоа што не го направија тие, им успеа на мажите. Кога целиот ракометен свет очекуваше финале помеѓу Барселона и ПСЖ, Вардар најпрво ги елиминираше Каталонците, а потоа го „среди“ и богатиот ѕвезден француски шампион и направи неверојатен успех станувајќи Европски шампион.
 
 
Кога многумина помислија дека името „Вардар“ повторно ќе биде гласно дури од септември кога ракометарите повторно ќе влезат во сала, на сцена стапија фудбалерите. „Црвено-црните“ предводени од капитенот Бобан Грнчаров направија изненадување победувајќи го Малме и по цели 11 години успеаа да се пласираат во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.
 
Со овој триумф Вардар има уште минимум четири европски мечеви и две шанси за пласман во групната фаза на едно од двете големи натпреварувања, Лигата на шампионите или Лига Европа. 
 
 
Следен противник на Вардар е Копенхаген, доколку нашиот шампион помине, ќе се пласира во плеј-офото за Лигата на шампионите и ќе има загарантиран пласман барем во групната фаза од Лига Европа. Доколку биде поразен од данскиот клуб, ќе игра во плеј-офот за пласман во Лига Европа.
 
За разлика од ракометните европските натпреварувања каде финансиските награди не се големи. Напредокот во фудбалските купови може да ја наполни вардаровата каса со милиони евра, а тоа најдобро го знае најзаслужниот за успехот на македонскиот клупски спорт, Сергеј Самсоненко.
 
 
Хрватскиот портал „Индекс“ го потенцира значењето на рускиот газда за напредокот на македонскиот спорт.
 
Избркан од Србија, во Македонија направи спортско чудо
 
Приказната на Вардар и Самсоненко можела да биде сосема поинаква доколку тој претходно не бил избркан од Србија. Русинот сакал да инвестира во женскиот српски клуб Врњачка Бања, но таму наишол на затворена врата по што се спуштил нешто појужно и ги почнал своите спортски инвестиции во Скопје.
 
Самсоненко најпрво го зема женскиот ракометен клуб на Вардар, потоа машкиот, па по барање на навивачите реши да инвестира и во фудбалскиот клуб. Тој е и првиот сопственик на македонски клуб во поновата историја кој инвестира и во инфраструктура. Ја изгради салата „Јане Сандански“, му направи тренинг центар на ФК Вардар и во европски стил ги среди помошните игралишта крај Арената „Филип Втори“.
 
 
„Не знам дали знаете, но Вардар покрај титулата во машка конкуренција има и женско финале. Македонија не е спортска велесила, па дури ниту ракометна, но она што го направија оваа сезона е плод на повеќегодишно вложување. Вардар има далеку најдобри услови од сите ракометни клубови во Европа. Инфраструктура, сала, комплекси за тренинг и сите пропратни содржини... Ние во Хрватска такви работи можеме да сонуваме. Па ние немаме ниту ракометен дом. ПСЖ, колку и да е богат, игра во сала која некогаш била складиште, а Вардар игра во ракометен храм кој за сите останати клубови е научка фантастика. Овој успех не е дојден преку ноќ. Русинот веќе неколку години вложува, на вистински начин постави систем и тоа што се случи во Келн е само резултат на паметно вложување“ - вели Лино Червар, хрватскиот ракометен стратег кој многу добро го познава Вардар.
 
 
Хрватска и се смее на Македонија, но може само да учи од неа
 
„Додека Металург е исклучително македонски проект, Вардар е европски. Видете им го составот, имаат само два-три домашни играчи. Сето останато се врвни странци. Луѓето вложуваат и нивниот начин на работа може само да ни биде школо. Во Хрватска немаме ниту пристоен градски фудбалски стадион, а не па нешто повеќе. Веројатно нема да кажете дека тоа на што игра Динамо Загреб е сериозен стадион? На Пољуд му е потребна раконструкција, Рујевица е замислена како тренинг комплекс, а не сериозен стадион. Единствено Пула има конкретен стадион со нешто поскромен капацитет, секако. Ако состојбата ни е таква во фудбалот кој е најпопуларен спорт, што можеме да очекуваме од ракометот? Тоа е тажно. Знаете ли каде Реал и Манчестер јунајтед ќе го играат Европскиот Суперкуп во август? Во Скопје кој има далеку најмодерен стадион на Балканот“ - вели Лино Червар.
 
 
Русија во Самсоненко гледа спасител
 
Дека Самсоненко прави сериозни работи во Скопје се слушна и во неговата Русија, па татковината го повика. Сергеј стана координатор на руската репрезентација, а Едвард Кокшаров кој исто така е во Вардар е новиот селектор на „зборнаја“. Неколку месеци претходно, Самсоненко стана еден од спонзорите и на фудбалскиот клуб, ЦСКА Москва.
 
За многумина Сергеј Самсоненко е контроверзна личност, но очигледно на Балканот има земји на кои им недостасува човек како него.
 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани