Ужасен, хорор текст кој има нус ефект да те мотивира да се опаметиш. Спасете се, спасете го своето здравје, знам дека знаете дека е лошо, ама уште полошо е.
  Објавено на
share

За зајакнување на волјата на оние кои се на хроно (и на оние кои е крајно време да бидат)

ГОРЧЛИВАТА ПРИКАЗНА ЗА ШЕЌЕРОТ

Сите оние кои се ставиле на некоја од диетите кои се во моментов „ин“ - хроно, протекали, прашоци од сурутки - го знаат она чувство на поетски копнеж во првите денови кога се „симнуваш“ од шеќер. Ама долгорочно изгледа борбата со самиот себе се исплати.

„Се надевам дека кога ќе ја прочитате оваа книга ќе ве убедам дека шеќерот е навистина опасен“, напиша Џон Јудкин во неговиот есеј за исхраната од 1972, „Чист, бел и смртоносен“. Четириесет и кусур години од тогаш, речиси и да не може да се најде индустриски производ кој не содржи шеќер, па макар неговото присуство било наведено со фонт тројка на нечитлива декларација. Брдата и долините шеќер на кои се навлекуваме се обвинети за срцеви болести, дијабет и прекумерна тежина.

Како што пишувавме во повеќе наврати (на пример тука), на шеќерот не му требаше долго време за од „оди касни нешто благо ќе ти даде енергија“ до „создава зависност ко кокаин“. Ни денес, како ни во седумдесетите, нема одлучувачки доказ за неговата штетност, или пак, според љубителите на теориите на заговор, тој не се објавува како резултат на притисокот на шеќердисаната индустрија која ја стишува опасноста од ризиците на негово конзумирање. Но „виновна“ е и методологијата, бидејќи е практично невозможно да се прават контролирани експерименти на човечка исхрана во тек на долги периоди, па доказите против шеќерот главно се потпираат на помалку сигурни облици на сведоштва: долгорочни корелации, експерименти врз животни, еволутивни аргументи и ескпертски ставови. Но и само врз основа на ваквото „основано сомневање“ би требало да сме убедени во злосторствата на шеќерот против човештвото.

Сега случајот на Јудкин е повторно отворен. Во изминатите неколку години тренди се оние диети кои не само што инсистираат на намалување на шеќерот, туку на негово целосно исклучување, дури и преку нејадење овошје. Сепак, книгата на Гери Таубс (јануари 2017) не е резултат на моментална обземеност од темата, туку на неколкудецениски интерес за начинот на исхрана на авторот. Таа се надоврзува на претходно споменатата книга на неговиот колега, но со екстра научни сознанија до кои е дојдено во меѓувреме, како и со увид во промената на комерцијалните, економските и политичките сили кои влијаеле врз статусот на шеќерот во современото општество.

Приказната за шеќерот Таубс ја гради почнувајќи од 17 век, кога англискиот доктор Томас Вилис го потврдил она што се знаело од антика - дека мочката на оние болни од шеќерна болест има „прекрасно сладок вкус како шеќер или мед“, па го додал на името на болеста латинското „мелитус“ (од мед). Но неговите аргументи против зголеменото користење на шеќер во следните векови, а особено на почетокот на 20-тиот, биле отфрлени, токму во корист на енергијата (за спортисти, деца, физички работници) која ја дава шеќерот. Спротивно на ова, помала група научници го оддржаа па и го зајакнаа мислењето дека шеќерот е отров, одделно или заедно со заситените масти, солта, јајцата и црвеното месо. Кога на ова ќе се додадат и генерално процесираната храна, навиките за спиење, недостатокот на вежбање, токсините од околината, лекарствата и вирусите, тогаш списокот станува толку долг што шеќерот веќе го губи клучниот душмански статус.

Наместо барање една единствена „лоша“ состојка, експертите сега конструираат цели „екологии на вина“, кои ги вклучуваат индустриското фармерство, конзумеристичкото капиталистичко општество итн. Со ова според Таубс сликата непотребно се шири, и се одвлекува вниманието од вистинскиот проблем - „политиката на шеќерот“, или како што тој го нарекува, шеќерниот заговор на спонзорите од прехранбената индустрија.

За да ги обелодени махинациите на Големиот Шеќер, Таубс се повикува на интерни документи, писма и други индустриски досиеа, кои ги добил преку Кристин Кернс, стоматолог која се откажала од својата професија за да копа низ архивите барајќи докази за тајни договори околу шеќерот. Самите шеќерни компании наводно формирале истражувачка фондација уште во 1943, и наскоро со заеднички напори почнале да делат обилни грантови на научници и кампањи за да се борат против контра-струјата, која велела дека шеќерот предизвикува кариес и дека диеталните пијалоци се подобри за здравјето. Тоа е всушност истата стратегија како и онаа на Големиот Тутун - наметни несигурност за тоа што е причина а што последица, стави ги скептиците на твојот платен список, исфрли ги научните докази низ прозорецот. Некои од најгласните нутриционисти во САД биле или се уште се на платниот список на Големиот Шеќер. Кој беше и релативно брз аргументите против него да ги искористи за себе - како случајот со појавата во раните 1980-ти на диеталната Кока-кола, со аспартам.

Таубс детално ја следи комплицираната и долга историја на врската помеѓу науката, поп-културата и бизнисот, потпирајќи се на различни извори, но истовремено не запаѓајќи во радикалност, туку само залагајќи се за скептичност, но информирана скептичност, таква која се базира барем врз основно знаење за тоа како функционира човечкото тело и каква улога имаат во него шеќерите.

А и без наука и куп експерименти знаеме - да не ја го испиевме она литро студена Кока-кола (демек да се освежиме), да не изедевме две парчиња торта од атер на славеникот, и да не ги купевме оние музли со шеќер исто колку во торта залажувајќи се дека се здрави, па дури и да го тргневме на страна навидум безопасното лепче со паштета (да, содржи шеќер), сега ќе имавме и помирна совест, и некое кило помалку.




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани