Република Mакедонија Министерство за eкономија по повод изјавите на г-дин Наков во Јади Бурек
  Објавено на
share

 

ПРЕДМЕТ: Образложение на постапката за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, со осврт кон концесиите за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија



Министерството за економија нема доделено концесија за експлоатација на метлични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија.

Во моментов, на територијата на општината Гевгелија, доделени се две концесии за вршење на детални геолошки истражувања на металични минерални суровини и тоа:

  1. Друштвото за производство, трговија и услуги РЕЗЕРВОАР МИНЕРАЛС МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје е имател на концесија согласно Договор за концесија за детални голошки истражувања на минерална суровина – металични минерални суровини на локалитетот с.Коњско, општина Гевгелија и општина Кавадарци бр.24-4110/1 од 04.07.2013 година. Договорот е доделен за период од 4 години и истекува на 04.07.2017 година. Согласно Законот за минерални суровини, во рок од 120 дена по истекот на Договорот за концесија, Концесионерот е должен да достави ревидиран Елаборат од извршените детални геолошки истражувања. Според анализите на терен во последните 3 години не се направени значајни или суштински истражувања доволни за изработка на Елаборат.

  2. Друштвото за трговија и услуги ИНТЕРНАТИОНАЛ МИНИНГ ЦОМПАНИ ДООЕЛ Скопје е имател на концесија согласно Договор за концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина – металични минерални суровини на локалитетот “Коњска Река“ општина Гевгелија бр.24-4020/1 од 01.07.2013 година. Договорот е доделен за период од 4 години и истекува на 01.07.2017 година. За оваа концесија, Министерството за економија има доставено до Владата Предлог-одлука за едностран раскин на Договорот, бидејќи Концесионерот нема започнато со вршење на деталните геолошки истражувања.

Согласно горенаведеното, ниту една од овие концесии не е стигната до фаза на експлоатација, односно отворање на рудник, а со тоа не може да се дискутира за начин и метод на експлоатација или студија за влијание врз животната средина. Сите претпоставки за негативно влијание во регионот на Гевгелија се базираат на шпекулации.

Сеуште не е утврдено дали има резерви на металични минерални суровини на локалитетите, кои треба да бидат прикажани во Елаборатот за детални геолошки истражувања, кој предходно треба да биде ревириран од страна на комисија формирана во Геолошкиот завод на Република Македонија, составена од стручни лица од областа на геологијата, кои поседуваат соодветна лиценца за вршење на оваа дејност.

Министерството за Екомомија ги има усвоено сите Европски Регулативи и стандарди во делот на Минералните Суровини посебно во делот на безбедноста како и влијанието врз животната околина.


***

Минералните суровини во Република Македонија се регулирани согласно Законот за минерални суровини.

Постапките за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини ги спроведува Министерството за економија.

Право за вршење на детални геолошки истражувања и експлоатација се стекнува со добивање на концесија, а која ја доделува Владата.

Деталните геолошки истражувања се вршат исклучиво според одобрен проект.

По завршувањето на деталните геолошки истражувања концесионерот е должен да достави ревидиран Елаборат од извршените детални геолошки истражувања, кој може да е со позитивни или негативини резултати, односно да докаже дали има рудни резерви на минералните суровини и доколку има, во кои количини.

Доколку резултатите се позитивни, согласно Законот, сопственикот на резултатите од извршените детални геолошки истражувања поднесува барање за концесија за експлоатација на минерални суровини.

Во случај кога е поднесено барање за концесија за експлоатација на металични минерални суровини, по службена должност се бара мислење од органите на државната управа надлежни за вршење на работите од областа на заштитата на животната средина и просторното планирање, заштитата на културното наследство, транспортот и врските, земјоделството, шумарството, водите како и од единиците на локалната самоуправа на чија територија е поднесено барање за доделување на концесија.

По спроведување на дејствијата наведени погоре, Министерството за економија доставува предлог – одлука за доделување на концесија за експлоатација до Владата на Република Македонија.

Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини ја донесува Владата на Република Македонија – концедент.

Со експлоатација на минералните суровини и изведувањето на рударските работи може да се отпочне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација на минерални суровини.


Дозволата за експлоатација ја издава Министерството за економија.

Кон барањето за издавање на дозвола за експлоатација, покрај останата документација која се бара согласно Законот за минерални суровини, се приложува и:

  • главен рударски проект за експлоатација на минералните суровини, со кој се утврдува методот и динамиката на експлоатацијата;

  • решение за одобрување на студијата за оцена на влијанието врз животната средина, изработена согласно Законот за животна средина;

  • дозвола за користење на вода и/или дозвола за испуштање на вода која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за води и

  • план за управување со отпадот настанат при експлоатацијата.

Во фазата на издавање на дозвола за експлоатација концесионерот е должен да спроведе јавна анкета заедно со локалната самоуправа каде ќе се образложи целиот технолошки процес како и планот за влијание врз животната средина. Јавната анкета трае најмалку 1 месец. Резултатите од јавната анкета се дел од Дозволата за експлоатација или за НЕ Експлоатација.




 




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани