Велигденски Пораки (колумна објавена во Вечер 2007)
Автор: Јанко Илковски   Објавено на
share
11 април 2007 - 17:34

Пишува: Јанко ИЛКОВСКИ

Секогаш верниците се под лупа на јавноста за секоја своја постапка, затоа што неверниците ги перцепираат како самоповикани, доблесни елементи на светот кои се безгрешни. Ниеден верник нема да се согласи на таа констатација, но востановеното мислење, дури и во демократијата, се зајакнува колку е поголема корупцијата во едно општество - толку повеќе им сметаат верните. Противници на верата има се повеќе и ќе ги има, ако не успееме со сопствениот пример да покажеме дека барем правиме обид да бидеме подобри. Не сме, но за жал ни обидот не се цени. А ги разбирам и оние душегрижници кои повеќе ги интересира ѓубрето оставено по фештата, одошто суштината на празникот. Како да дадеме позитивен пример кога и пораките кога стигнуваат дури и од мајката црква, нашата насушна МПЦ знаат да бидат збунувачки.

Билборди на кои пишува Среќни Велигденски Празници. Со овој ист поздрав и еден муслиман ми честиташе во стилот - ај нека ти е. Во ред ќе беше овој плакат ама да се сменеше на Велигден со Христос Воскресе! - единствената порака со која црквата комуницира со верниците, па и тие кои не се. МПЦ се обидува во ПИАР, ама потезите се малку несмасни, дури и неколку ортодоксни комуњари ми честитаа со Христос Воскресе, но ај, догодина се надевам дека на денот на воскресението ќе стои плакат-билборд, со друга порака.

А за празникот пак, и другите, "куд који-мили моји". Медиумите, по обичај, иако изминаа 15 години и повеќе откако религијата слободно се практикува, и натаму не знаат што со себе на овие денови. Ретки прилози на некој новинар кој малку од малку ја познава проблематиката но останатото е смешно. Интервјуа со ѕвезди, естрада и разни тресини кои абер немаат од празникот самоповикано бладаад недоветни приказни за традицијата... појма немајќи што говорат

Ај, и тоа го голтам заедно со мојот далечински (покој му на душа на пронаоѓачот на далечинскиот управувач и родоначалникот на слободата на медиумското следење - ковачот на жезолот на машката доминација во дневната соба) рипајќи од една на друга глупост.

Бидејќи по дифолт не ја следам здодевната програма на утепаната МРТВ во прелетувањето на програмите, пред Велигден, налетувам на сцени емитувани на МТВ на кои се гледа дека се со библиско-евангелски мотиви. Се загледувам и капирам дека ова е некоја француска верзија на Евангелието за нашиот спасител. Ај да видам шо чудо и ова ќе е, кога немале доблест, како Хрватите кои на Велики Петок го прикажаа "Страдание" на Гибсон - да им го испоштувам обидот.

Мајко мила, поарно ќе беше да пуштеа некој сатански хорор, "Розмариното бебе", одошто ова ѓубре. Има ли некој таму мозок? Знам дека плата едвај примате и сте во тешка и незавидна ситуација, но ова беше недозволиво.

Ова се новите ветришта во МРТВ, кич, невкус, грозота - сево ова се благи зборови за ова ѓубре кое прави преплет (на црева) помеѓу Евангелието и протестантизмот со лајт мусли мотиви, абе не ми се веруваше. Зарем мислат во МТВ дека ако вестите ги вапцаа црвено (досега беа сино, нели СДСМ беше на власт) станаа повторно миленичиња на власта? Партискиот нов дух преку црвената боја? Додоворување на партиските властодршци! И ќе ми дојдете пред врата со инкасатор да ви платам претплата? Не фала. Лигата на шампиони, која беше последната сламка да ве следам, сега се пренесува легално преку интернет, не ми требате и тешко од мене ќе извлечете пари. Само мачкајте се со црвена боја и играјте танц среде плоштад да заврнат нови партиски пари. Чекајте кога Тачи ќе стане доминантен фактор, ќе се самовапцате во зелено тогаш? Што ќе правите на претседателските избори? Тито кандитат, а црвената не му лежи. Молерите ќе се турат од работа кај вас.

Молитви лајв?? Смешно, како и секогаш, форма без суштина, лост ин спејс, празно и корумпирано, сликата на нашата Јавна Куќа!!! Респект за оние кои не претендираат да се прават паметни и доблесни и да глумат демек разбираат нешто и наместо тенденциозни емисии во кои се глуми религиозно образование (или како Џокица замишља црква анд Џизас) и пуштаа барем акциони филмови без било какви квази-духовни пораки.

Филмови добри за Исус има малку, еден е Исус од Назарет на Зафирели, но на него заборавивте 10 и повеќе години. Фала Богу престанаа да ги упропастуваат овие вечери и со постојаните репризи на концертите на некогашната Анастасија. Ко Јеховини Сведоци и Харе Кришна да ја опседнале националната куќа, а не е ни тоа далеку од вистината.

Секој верник знае како оти има многу активности во кои се зема учество во литургискиот живот, особено на најголемиот празник, има толку многу да ве преокупира што секој нормален верник ќе го исклучи телевизорот, а сите други, празнината во душите и срцата ќе ги бараат во лошите филмови, без намера ни да се допрат до Библијата. Се дотогаш нема вистински да славиме во заедништво.

И покрај се...
Христос Воскресна - Навистина Воскресна!




КОМЕНТАРИ




Copyright Jadi Burek © 2013 - сите права се задржани