Вештачки неврони од IBM
Објавено на
Вештачки неврони од IBM
И покрај сите достигнувања во развивањето на компјутерите, човечкиот мозок и понатаму е нај комплексен, софистициран и моќен „компјутер“ кој што постои и веќе со декади научниците бараат начин да ги реплицираат неговите процесирачки механизми во систем кој можат да го користат машините.
Компанијата IBM е една од најголемите и најстраствени поборници за развивање на когнитивни компјутери – тие во 2011 го претставија Watson, првиот когнитивен систем на светот, кој наместо да се програмира за сè, способен е самиот да учи преку интеракцијата со луѓето и околината. Минатата година создадоа систем наречен TrueNorth, кој претставува мрежа со 48 милиони конекции – тоа е слично на компјутерската моќ која ја има еден мозок на глушец, а на почетокот на оваа година им успеа да сместат 3 бита во една ќелија на phase change memory, меморија 50-тина пати побрза од онаа вградена во флеш драјвовите.
Сега, научниците на IBM во Цирих дизајнирале вештачки неврони од материјали кои можат да ја менуваат состојбата, како што е германиум антимон телуридот. Овие материјали можат да бидат во аморфна или кристална состојба и се истите кои се користат за изработка на оптичките дискови.
Овие вештачки неврони можат да вршат комплексни пресметки и брзо да учат додека користат многу малку енергија, слично како човечкиот мозок. Нивното тестирање се состоело од билиони „вклучувања“ и „исклучувања“ со електрични импулси, што ја симулирало состојбата во која што тие би се нашле после неколкугодишно функционирање.
Сето ова би требало да овозможи нова генерација на невроморфни компјутерски системи со екстремна густина.
КОМЕНТАРИ